Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска изјави дека Русија не треба нужно да се обвинува за поттикнување на војната во Украина, додека амбициите на Украина за влез во НАТО ги нарече „закана за Русите“.
„Војната не мораше да се случи, таа беше испровоцирана. Тоа не мора да значи дека е испровоцирано од Русите“, изјави Виткоф за Си-Ен-Ен, а пренесува американски Политико.
Тој посочи дека желбата на Украина да се приклучи на НАТО ја поттикнала таа војна.
„Тогаш имаше различни разговори за влез на Украина во НАТО. Тоа не требаше да се случи. Тоа во суштина стана закана за Русите и затоа треба да се справиме со тој факт“, рече Виткоф.
Тој воедно додаде и дека САД очекуваат да продолжи втората фаза од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.
Виткоф ги даде забелешките за Си-Ен-Ен како одговор на прашањето за одлуката на Израел да го одложи ослободувањето на палестинските затвореници што беше закажано за вчера како дел од првата фаза од прекинот на огнот во Појасот Газа.
Тој најави дека следната недела ќе го посети регионот на Блискиот Исток, најверојатно во среда, за да разговара за спроведување на втората фаза од прекинот на огнот.
Израелските власти утринава објавија дека го одложуваат ослободувањето на повеќе од 600 палестински затвореници како дел од размената со Хамас додека не добијат гаранции дека ќе бидат прекинати „понижувачките церемонии“ кои Хамас ги одржува при предавањето на заложниците.
Стив Виткоф денеска изјави дека очекува следната недела да биде потпишан договор за пристап на САД до украинските наоѓалишта на ретки минерали.
Виткоф за Си-Ен-Ен изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп му испратил порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој, како што рече, повеќе не се двоуми по ова прашање бидејќи разбира колку САД направиле за Украина со давање помош.
Американскиот претставник потсети дека Зеленски се поколеба во својата одлука да потпише договор со кој на САД би им биле отстапени ретките минерални наоѓалишта на Украина пред една недела, објави Ројтерс.
Трамп во саботата рече дека сака Украина да врати милијарди долари што САД и ги испратија на земјата за да и помогнат да се одбрани од руската инвазија во замена за нејзините ретки метали и нафта.