Со потпишувањето на спонзорски договор со Nike, Барселона практично ги реши повеќето финансиски проблеми со кои се мачеше во последните неколку години. Навистина, ситуацијата се уште не е совршена, но веќе е јасно дека во летниот преоден рок во Барса ќе пристигнат спектакуларни засилувања.
Шпанските медиуми блиски до Барселона наведуваат дека во зимскиот преоден рок каталонскиот гигант најверојатно нема да биде премногу активен на пазарот, но само затоа што се подготвува за спектакуларен летен преоден рок.
Тренерот Ханси Флик веќе има неколку желби, а сега е откриено кои двајца играчи ќе бидат меѓу приоритетите откако Барса доби финансиска инјекција со потпишување на долгорочниот спонзорски договор.
Овие пари ќе и бидат доволни на Барселона да реши добар дел од финансиските проблеми со кои се бори со години, а клубот ќе може да купува засилувања без страв од прекршување на Финансискиот фер-плеј.
Првите желби на Барселона следното лето се Нико Вилијамс и Рафаел Леао, а двајцата играчи веќе отворено објавија дека главна цел им е да дојдат на „Ноу Камп“.
Вилијамс и минатото лето беше блиску до Барса, но сепак реши да остане во Билбао уште една сезона. Леао наводно му рекол на својот менаџер да направи се за и тој од следната сезона да биде член на Барселона. Фабрицио Романо објави дека спортскиот директор на Барселона, Деко веќе имал разговори со играчите за уште еднаш да се увери дека се заинтересирани да дојдат во Барселона следното лето и е воодушевен од информацијата што ја добил.
Иако Флик ги има Ламин Јамал и Рафиња на крилните позиции, јасно е дека му требаат уште некои решенија. Тој би го користел Вилијамс на левото крило бидејќи Рафиња покажа дека е одличен и во средниот ред.
Леао може да игра и на врвот на нападот каде моментално се наоѓа Роберт Левандовски, но секако дека може успешно да ги покрива и крилните позиции.
Јасно е дека доаѓањето на Леао и Вилијамс ќе значи дека ќе има заминувања и од Барселона, а веќе се шпекулира дека клубот сигурно ќе го напуштат Феран Торес и Ансу Фати.