Во скопските општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена – Скопје ќе постави посебни контејнери во кои граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад, информираат од Јавното претпријатие.
– Веќе трета година по ред, во пресрет на одбележувањето на празникот Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена – Скопје поставува специјални садови наменети за одлагање на органскиот отпад. И оваа година, во периодот од 19 до 21 јули, претпријатието ќе постави 17 контејнери, на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај. Апелираме до верниците својот органски отпад да го одлагаат исклучиво во поставените садови, затоа што неговото исфрлање на јавни површини може сериозно да го загрози јавното здравје и да ја загади животната околина, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
Контејнерите ќе бидат поставени во Општина Шуто Оризари кај автобуската станица на последна 19-ка, кај маркет Харбин, до подвозникот, во близина на Хамдипашината џамија и кај Спортскиот центар. Во Општина Бутел, пак, контернери ќе бидат поставени во близина на џамијата Фетах Ефенди и во близина на џамијата Бедр – Бутел 1.
Како што информираат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во Општина Гази Баба контернери ќе постават во близина на џамијата Сингелиќ и кај стадионот Гази Баба, во Општина Чаир на поранешна локација на ЈП КХС, во близина на ресторанот Фа-Фа, во близина на новата џамија во Чаир, во близина на Теќето во Дуќанџик, како и кај поранешното седиште на Скопското муфтиство на Кале. Во општина Сарај пак, контернери ќе има кај старата Општина Сарај и во близина на џамијата во Средно Нерези.
Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во текот на вчерашниот и денешниот ден, спроведоа и активности за рачно и машинско миење на дворовите и непосредната околина на поголемите исламски верски објекти на територијата на Градот Скопје.