Враќањето на иницијативата на Левица за референдум за францускиот предлог е само купување на време според претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Сепак, рече дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.
„Значи, ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Ако правилно го читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние впрочем тоа и ќе го направиме“, рече Апасиев во изјава за Сител ТВ.
Тој смета дека правното толкување на Џафери е неиздржано бидејќи заклучокот бил став, а не бил акт и според тоа прашањето не било соодветно поставено.
„Имено, тој го занемарува членот 24 од Законот за референдум и други одлуки на непосредно изјаснување на граѓаните каде што вели дека дополнителен референдум каков што ние бараме може да се распише за други прашања за кои одлучувало Собранието. Токму такво прашање, значи не се бара акт туку прашање е заклучокот, односно заклучоците коишто ние ги ставаме на референдум. Оттука, ова враќање на спикерот Џафери е само добивање време, односно купување време“,подвлече Апасиев.
Тој го повтори ставот дека доколу Џафери ја отфрли иницијативата откако ќе ја коригираат ќе почнат со целосна блокада на Собранието.
„Се надеваме дека нема да се дрзне, бидејќи во спротивно ќе го блокираме целото Собрание затоа што тоа не е негова своина, не е негова сопственост и за ова одбивање ќе добие и соодветен поднесок од мене против него лично бидејќи како физичко лице ги објавил моите лични податоци што исто така е кривично дело“,вели Апасиев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери преку соопштение го објави својот став дека барањето за одржување референдум поднесено од Левица не е подготвено во согласност со собранискиот Деловник, а прашањето е несоодветно поставено, и воедно бара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогалси барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.
„Особено член 135 од истиот, а и поставеното прашање упатува на несоодветност од причина што заклучоците не се општ правен акт, закон или Устав, тие по нивната природа и содржина се став кој ја насочува Владата на Северна Македонија во нејзиното постапување“, наведува Џафери.
Тој се повикува на член 136 од Деловникот на Собранието, со кој е предвидено предлагачот да го дополни предлогот и да го усогласи со одредбите од Деловникот во рок од 15 дена. Ако не биде сторено тоа, ќе се смета дека предлогот на законот не е поднесен.
Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”.