Јулијана Спировска, претседателка на Управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ реагираше по обвинувањата на градоначалничката Данела Арсовска. Според неа, во Македонија социјалните медиуми се злоупотребени од поединци за лаги и клевети.
-Поттикната од постојаните навреди од градоначалничката Данела Арсовска, изречени по социјалните мрежи изминатиот период наназад кон мене како претседател на УО на КХС , ја повикувам Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми согласно своите законски можности да повика на најмалку коректен однос, особено на луѓето носители на јавни функици во своите обраќање пред се на социјалните мрежи. Нашата заложба на сите граѓани корисници на социјалните мрежи, треба да биде во насока на споделување на вистините ,точни информации и креативни содржини ако сакаме да задржиме ментално здраво општество. За работата на УО на КХС стојат документирани 70 записници чија содржина, насоки и заклучоци очигледно ве вознемируват градоначалничке, порача Спировска во објавата.
Во своја објава на Фејсбук, Арсовска посочи дека Спировска е осудено лице за кривично дело убиство и дека, како што тврди, три години не поддржала ниту една инвестиција за нова механизација, ниту решенија за вработување на работниците кои со години работат на терен.
„Јулијана е осуден криминалец со казна затвор за убиство. Таа три години не гласа за нови камиони, за инвестициска програма, за вработените кои пет години ги чистат улиците да можат да земат решение“, напиша Арсовска.
Според неа, Спировска делува под директива на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, чиј што кадар е поставен во Управниот одбор преку Советот на Градот. Арсовска директно ги обвинува овие партии дека преку Спировска ја саботираат работата на претпријатието и придонесуваат за влошување на состојбата со отпадот во Скопје.