Споделувањето невистинити и погрешни податоци е казниво со закон, велат од Сеизмолошката опсерваторија

од Nikola Popovski
20 прегледи

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ги повика медиумите во своите објави за случени и почувствувани земјотреси да ги користат исклучливо нејзините официјални информации бидејќи, како што наведува, „споделувањето невистинити и погрешни податоци може да предизвика општа паника на населението и тоа е казниво со закон“. Ова следува откако во јавноста во последниот период има се повеќе информации за земјотреси.

Во реакцијата Сеизмолошката опсерваторија потсетува дека и со закон таа е единствена институција во Републиката задолжена и овластена да ја одржува сеизмолошката мрежа и да ги објавува податоците за сеизмичките појави, вклучувајќи го и известувањето на јавноста за почувствуваните земјотреси во државава.

-За навремено информирање на јавноста за случените и почувствувани земјотреси, Сеизмолошката опсерваторија испраќа известување до медиумите по електронска пошта, наведуваат од Опсерваторијата и додаваат дека медиумите може да ја контактираат институцијата за дополнителни информации.

Реакцијата на Опсерваторијата следува откако синоќа Европскиот медитерански сеизмолошки центар со седиште во Франција објави дека земјотрес во 20:35 часот бил почувствуван во Македонија.

Земјотресот бил регистриран на македонско-косовската граница и бил почувствуван во Скопје. Според првичните информации на веб страницата ЕМСЦ, епицентарот на земјотресот е во близина на границата со Косово.

Слични содржини