Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денес соопшти дека околу 350 бездомни лица веќе се попишани, со што е завршен пописот за оваа категорија граѓани.
„Тоа е онаа бројка за која ние и претходно претпоставувавме дека постои. Попишани се сите кои се сместени во објектите за коишто Министерството за труд и социјална политика создаде услови заедно со Државниот завод за статистика.Овој пат пописот го потврди тоа“, рече таа на денешната прес-конференција.
Шахпаска додаде дека попишувачите ќе одат и во центрите каде се сместени граѓаните со попреченост.
„Секако попишувачите имаат специјални обуки покрај обуката за начинот на кој треба да прават попишување на граѓаните, има посебни обуки за тоа како треба себеси да се заштитат со заштитната опрема, со носење маски, со носење визири и ракавици“, вели таа, додавајќи дека податоците за попишаните пензионери и децата во претшколска возраст ќе бидат најважни за ресорното министерство.