Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист дека Првата меѓувладина конференција со ЕУ би можела да се одржи и на 31 декември, доколку Бугарија дотогаш го тргне ветото, меѓутоа, во спротивно стравува дека спорот може да премине во замрзнат конфликт, а Република Северна Македонија да стане изолирана во европските перспективи.
Тоа нагласи тој, не е добро ниту за двете земји, ниту за регионот воопшто.
„Сите се свесни колку е важен 14 декември, но не само 14-ти, бидејќи и до 31 декември може словенечкото претседателство, доколку добие сигнал од Бугарија дека го подигнува ветото дури и на 30 декември словенечкиот министер за надворешни работи може да свика онлајн состанок на министрите и да се одобри и истиот ден да се одржи меѓувладината конференција. Важно е да ги држиме роковите кратки. Мојот страв е дека доколку овој спор премине во замрзнат конфликт, Република Северна Македонија ќе стане изолирана во европските перспективи“, изјави Османи во Тема на денот на Сител.
Тој дека формирањето на новата Влада во Бугарија дава надеж суштински да се разговара меѓу, како што кажа, две стабилни влади. Османи вели дека постои француска проактивност во изнаоѓање решение на овој спор.
Новиот премиер на Бугрија, Кирил Петков, вчера во изјава за медиумите не даде прецизен одговор за тоа дали ќе го симне бугарското вето за Македонија или не.
„Тоа треба да се направи преку добра комуникација, со многу работа. Не сакаме да продолжиме само со пароли од двете страни на границата, туку мора да седнеме и да работиме со тимови на различни теми за да се увериме дека преку заедничка работа и комуникација се движиме кон добрососедство. Но, истовремено ќе ги браниме и бугарските национални интереси“, изјави Петков, кандидат за премиер.