Атлетичарите од Русија и Белорусија кои моментално живеат во овие земји нема да смеат да учествуваат на маратонот во Бостон, кој ќе се одржи на 18 април.
Исклучувањето од најстариот редовен маратон во светот важи и за спортистите кои претходно биле во списокот. Но, санкцијата е само за спортистите кои моментално живеат во овие две земји. Исклучок е направен за руски или белоруски спортисти регистрирани за настани, кои не се жители на земјите. Ќе им биде дозволено да се натпреваруваат, но нема да можат да трчаат под знамето на нивната земја, соопшти Атлетската асоцијација на Бостон (БАА).
„Како и многу луѓе ширум светот, ние сме згрозени и огорчени од она што го видовме и дознавме од извештаите во Украина“, рече претседателот на БАА – Том Грилк во специјална изјава. „Ние веруваме дека маратонското трчање е светски спорт и се обидуваме да помогнеме на народот на Украина колку што можеме“.
БАА објави и дека нема да ја признае националноста на спортистите од Русија и Белорусија, а нема да ги користи знамињата на двете земји до следно известување. Специјални покани за спортистите од овие земји нема да бидат испратени оваа година, додаде Грилк.
Организаторите рекоа дека ќе направат одредени обиди да им ги вратат влезниците на спортистите кои повеќе не можат да учествуваат доколку им бидат платени. Исто така, за спортистите од Украина кои се пријавиле и не можат да учествуваат, нивните права ќе бидат задржани за идните изданија.