Неколку стотици битолчани вечерва се упатиле кон куќата на водачот на битолското движење „Протестирам“, Илија Балтовски, за да го изразат нивниот револт после протестите и акцијата со лажните евра за градоначалникот Владимир Талески.
Пред неговиот дом, на улица „12 Кладинци“ во населбата Недопирливи, според очевидци групата извикувала погрдни зборови за Балтовски и неговите соработници, пцости, свирежи, колнеле и плукале во неговиот двор.
Толпата го вознемирила семејството на Балтовски, детето сопругата и родителите и соседите, а тој пак во моментот не бил дома, туку на протести пред општинската зграда барајќи оставка од аболираниот Талески.
Настанот го обезбедувале кордон полицајци, а инцидентот се случи веднаш после собирот на ГДОМ па се претпоставува дека една група од нив заминала кон домот на Балтовски.
Вечерва полицијата била на местото на настанот и според наши извори спречила поголем инцидент. Балтовски вечерва беше недостапен за новинарите.