Дваесет часовници во вредност од 178.050 денари со потпис на познати модни брендови се запленети од страна на царинските службеници по извршена контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на граничен премин Ново Село. Часовниците се откриени во картонска кутија за која лицето кое управувало со автомобилот изјавило дека е пратка со лекови која ја испратил негов пријател за болно дете.
По откривање на непријавените часовници лицето, инаку македонски државјанин, изјавило дека истите се купени од Швајцарија. Одземените часовници ќе бидат предадени во Агенцијата за управување со одземен имот, а против лицето е поднесена соодветна пријава за прекршување на царинската регулатива.
Царинската управа и натаму во рамки на своите надлежности спроведува активности за поддршка на легалната економија и сузбивање на сивата економија, соопштија оттаму.