Спречени обиди за криумчарење на земја со благородни метали, цигари, нелегален изнес на девизи…

од Nikola Popovski
30 прегледи

Во текот на минатата недела, царинските службеници и мобилните тимови спречија повеќе обиди за криумчарење на земја со благородни метали, цигари, колаген и нелегален изнес на девизи.

-Возач на автобус се обидел да криумчари надвор од државата земја богата со благородни метали, меѓу кои 0,13 % злато, 1,07% сребро, 2,19% бакар. Во намерата е спречен од мобилен царински тим кој изврши контрола на автобусот со кој управувал. Против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.

-Во 6 случаи е спречен шверц на вкупно 101 штеки цигари, при што 62 штеки цигари се откриени во резервоар, простор за црево, фабричка празнина и во простор за алат во возила на граничен премин Богородица на влез во државата, додека 39 штеки цигари се откриени на излез од државата на Меѓународен Аеродром Скопје во куфер на патник кој имал намера да отпатува со лет за Лондон.

-13 рачни часовници и 12 мобилни телефони од марката HONOR со вкупна вредност од 339 илјади денари се пронајдени во куфер сместен во багажникот и во ранец сместен на задното седиште на автомобил кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

-140 парчиња колаген и 5 сетови за озонска терапија за лице се пронајдени во торби и кеси со лични работи и храна, кај двајца патници кои се пријавиле за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

-31 сет за коса со шампони, пена и препарати за раст на коса се откриени во два случаи при контрола на камиони пријавени за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

-Спречен обид за нелегален изнес на 19 илјади евра што тројца патници сакале без да ги пријават да ги изнесат од државата преку граничен премин Табановце. Кај патниците при личен претрес биле пронајдени вкупно 25 илјади евра, при што согласно закон на секој му се вратени по две илјади евра, а останатите се привремено задржани. Против нив се поднесени пријави за девизен прекршок.

-Спречен шверц на 439 парчиња облека, чевли и рачни чанти и 13 парчиња машки костуми од турскиот бренд GINO GIVARES кои се откриени во четири случаи на контроли извршени од мобилни тимови и царински службеници.

-224 парчиња облека се откриени од мобилен царински тим при контрола на автобус кој сообраќал на релација Брисел- Скопје.

-415 парчиња облека, чевли и рачни чанти се пронајдени во два посебни случаи при контрола на автомобили на граничен премин Табановце.

-13 машки костуми од турскиот бренд GINO GIVARES, се пронајдени во куфер сместен во багажникот на автомобил пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.

-Царински службеници од царинска испостава Гевгелија открија дело на царинска измама, при што запленети се 1,7 тони тропско овошје откако фирма од Гевгелија се обидела да ги реекспортира во Србија како крставици.

-Околу 23 килограми мед се пронајдени во багажникот, во странични празнини, под седиштата и под тапацирите на вратите на автомобил кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

-Осум парчиња водоинсталатерски клешти и дваесет ласери за геодетски работи се пронајдени во багажникот на автомобил кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

-Два турбо-компресори за возила се откриени од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на камион кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

-1.000 парчиња полначи и безжични радио трансмитери кои не биле опфатени со царинските документи се откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија.

-130 метри квадратни лим, кои не биле опфатени со царинските документи се откриени при контрола на стока со потекло од Швајцарија, наменета за увозник од Прилеп, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Прилеп.

Слични содржини