Србија денеска на генерален штрајк, Вучиќ по кризната средба со Додик: „Обоената револуција заврши, тие се готови. Можат само да ме убијат!“

од Vladimir Zorba
80 прегледи

Генерален штрајк е планиран во Србија за петок, 7 март. Слична акција беше одржана и на крајот на јануари кога на повикот за прекин со работа се одзваа голем број компании, мали бизниси, угостителски објекти и слично. На генералниот штрајк во Србија на повик на студентите се приклучуваат и одредени медиуми како Нова.рс, Данас, Радар, Спортклуб, ТВ Нова и весниците Нова и Данас. Покрај медиумите на групата United Media, се приклучија и страниците Видик Србије и Lice ulice.

На генералниот штрајк се приклучуваат и компанијата СББ, Агенцијата Бета, Адвокатската комора на Белград, како и адвокатите од Адвокатската комора на Крагуевац и Српскиот научен синдикат. Вработените во правосудството (судови, јавно обвинителство, канцеларии за извршување на кривични санкции) ќе ја прекинат работата на еден час, а музичарите ширум Србија исто така ќе ја прекинат работата, соопштија Српскиот народен театар од Нови Сад, Народниот театар во Белград и Белградската филхармонија.

Оркестарот на операта на Српскиот народен театар престана со работа на 20 февруари, а штрајкуваат и музичарите од Белградската филхармонија, хорот и оркестарот на Народниот театар од Белград, како и членовите на сите музички ансамбли на Српскиот народен театар.

Дводневен штрајк стапува и Националната библиотека во Белград, а книжарниците Лагуна и Делфи побараа од граѓаните да го одложат купувањето на 7 март. Дека се приклучува кон генералниот штрајк објави и издавачката куќа „Геополитика“.

На поддршка за студентите повикаа и Универзитетот во Белград, како и бројни бизниси и угостителски објекти.

Српскиот синдикат на лекари и фармацевти во Краљево најави дека ќе одржи едночасовен предупредувачки штрајк пред хируршкиот блок на болницата „Студеница“. Адвокатската комора на Крагуевац исто така најави дека ќе ја прекине работата во текот на целиот ден.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и се обрати на јавноста по средбата со претседателот на Република Српска Милорад Додик. Тој зборуваше за општествено-политичката состојба во земјата и рече дека „обоената револуција заврши“.

„Јас сум премногу сериозен човек, никогаш не би ви рекол дека е готово. Единствената можност за обоена револуција е да ме убијат. Нема друг начин да ја спроведат. И ова ви го кажувам најотворено, обоената револуција заврши, тие се готови. Затоа што народот разбра кој ја финансирал, за чии потреби, и како и зошто морало да се откаже од Република Српска, како и зошто нашите луѓе на Косово и Метохија морале да останат без наша поддршка“, рече Вучиќ, пренесе Нова.рс

По средбата со Додик, Вучиќ откри и дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

Слични содржини