Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, упати телеграма со сочувство до претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и до премиерот Зоран Заев, по повод тешката сообраќајна несреќа во која животот го загубија 45 лица.
Во сочувството до претседателот и премиерот, Александар Вучиќ изјави дека со неверување и тага ја примил страшната вест за трагичната смрт на патниците во автобус во Бугарија.
„Нема зборови да се опише болката што ја споделуваме со граѓаните на вашата земја. Неми пред оваа трагедија, упатуваме молитви за утеха до семејствата на жртвите и до целиот ваш братски народ. Србија сега е со вас, подготвена да ја пружи сета потребна помош и поддршка во оваа трагедија“, изјави Вучиќ, а пренесе неговата Служба за соработка со медиумите.
Во свое лично име и во име на граѓаните на Србија, тој упати најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до народот на Северна Македонија.
„На повредените им посакувам брзо и успешно закрепнување“, рече Вучиќ.