Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска во Џакарта, каде што се одржува 43. Самит на АСЕАН, го потпиша инструментот за пристапување кон Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија.
Дачиќ на свечената церемонија во главниот град на Индонезија рече дека му претставува голема чест што денеска во име на Владата на Србија го потпишува инструментот за пристапување кон Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија додавајќи дека ова е настан од големо значење за Србија за идното унапредување на соработката со пријателските земји.
Шефот на српската дипломатија потсети дека Србија е наследник на поранешна Југославија и дека е горда на своето децениско пријателство со земјите од Југоисточна Азија, кое датира од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, кога е основано движењето на Неврзаните.