Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ на средбата со претставниците на трговските центри се согласил од следната недела да се формираат мобилни пунктови за вакцинација во тие објекти.
Според најавата на Градската управа, тие пунктови ќе бидат стационирани по неколку дена, а посетителите и луѓето што живеат во близина ќе можат да се вакцинираат.
Заменик-градоначалникот Горан Весиќ денес објавил дека бројот на вакцинирани возрасни граѓани во Белград денес ќе надмине 550.000.
Во Белград, од почетокот на масовната имунизација, дадени се 623 207 дози вакцини Синофарм, 142 301 доза од вакцината Фајзер, 112 004 дози вакцина од Спутник V и 60 709 дози од вакцина АстраЗенека.
„Нашата цел е 750.000 граѓани кои ќе бидат вакцинирани“, рекол Весиќ во соопштението.