Српската државна компанија Транснафта Панчево официјално објави тендер за изградба на српскиот дел од планираниот нафтовод меѓу Унгарија и Србија, објави регионалната телевизија Н1.
Како што прецизира економскиот портал eКапиа, српскиот дел е од границата со Унгарија до Нови Сад, а тендерот вклучува и градежни активности и технички надзор на локацијата.
Во тендерската документација се наведува дека прекуграничниот нафтовод е национален приоритет за Србија и има за цел да ги диверзифицира рутите за увоз на нафта и да обезбеди посигурно снабдување за домашниот пазар, бидејќи во моментов единствениот увозен пат е преку Хрватска преку нафтоводот JANAF.
Новиот нафтовод ќе ѝ овозможи на Србија да добива сурова нафта преку Унгарија од нафтоводот Дружба (од Русија – н.з.), се вели во соопштението.
Српскиот дел е долг 113 км и ќе биде изграден целосно под земја. Се очекува неговиот годишен капацитет да биде 5,5 милиони тони.
Во тендерската документација не е наведена договорна цена, но претходните проценки ја проценуваат српската делница на 157 милиони евра.
Крајниот рок за поднесување на понудите е 5 февруари.