Српските власти и руската државна корпорација Росатом започнаа разговори за проект за изградба на нуклеарна централа во Србија, изјави српскиот амбасадор во Москва, Момчило Бабиќ, за локалниот медиум „Известија“. Тој нагласи дека може да се очекува напредок во наредните години, објави „Biznis.rs“.
„Сериозно разговараме со Росатом. Мислам дека нема подобра компанија во светот за изградба на нуклеарна централа. Убеден сум дека ќе има напредок во наредните години, бидејќи ни е потребна електрична енергија. Дефинитивно ќе го направиме тоа“, рече Бабиќ.
Порталот потсетува дека во ноември 2024 година, српскиот парламент го укина мораториумот за изградба на нуклеарни централи, кој беше на сила од 1989 година по несреќата во Чернобил. Одлуката е донесена бидејќи се проценува дека потрошувачката на енергија во земјата ќе се зголеми четирикратно до 2050 година, објави „eKapija“.
Белград моментално избира партнер за овој стратешки проект, а освен Русија, според руските медиуми, во игра се и Јужна Кореја, Кина и Франција. Во септември годинава, српската влада потпиша два меморандуми за разбирање за соработка со јужнокорејската компанија KHNP, додека француската EDF е ангажирана да спроведе студија за потенцијалот на нуклеарната енергија во земјата.
Според „Известија“, според аналитичарите, понудата на Росатом се смета за најповолна бидејќи ги вклучува сите сегменти – од проектирање и изградба, преку снабдување со нуклеарно гориво, до одржување и отстранување на отпад. Како можни опции, според извештајот, се разгледува голема електрана со два реактори VVER-1200 или помали модули од типот RITM-200 и RITM-400.
Се очекува, според рускиот портал, преговорите меѓу Србија и Русија да траат една или две години, по што би следела изградбата. Според досегашната пракса, потсетуваат тие, Росатом би можел да обезбеди и поволен заем за реализација на проектот.
Во текстот се истакнува дека експертите предупредуваат дека Европската Унија би можела да се обиде да го ограничи руското учество, со оглед на процесот на усогласување на Србија со европското законодавство и притисокот врз Белград да се придружи на санкциите против Москва.