Во последните 24 часа, уште 13 лица починаа во Србија, а присуството на коронавирус било утврдено кај 1.960 од 10.458 тестирани, објавено е на веб-страницата „covid19.rs.“ Како што се наведува, во моментов се хоспитализирани 3.818 лица, од кои 128 се приклучени на респиратори. Од првиот официјален случај на коронавирус во Србија, починале 4.139 заразени лица, а регистрирани се вкупно 409.841 случај на инфекција.
Вчера во Србија беа регистрирани 1.529 лица со коронавирус, а уште 14 лица починаа. Имало 135 пациенти на апарати за дишење, а тестирани биле 7.510 лица.
Нов контингент вакцини пристигна во Србија денес со 8.190 дози од компаниите Фајзер / Бионтек, соопшти тамошното Министерство за здравство.
Државниот секретар на Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, објави дека масовната вакцинација на уште 500.000 граѓани на Србија ќе биде подготвена „од четврток или петок“.
Изјавувајќи дека повеќе од 500.000 граѓани треба да ја примат втората доза на вакцина за коронавирус, Ѓерлек соопшти дека е издадена „наредба“ за зголемување на бројот на пунктови за вакцинација.