Србија внимателно ги следи билатералните средби меѓу Македонија и Косово: „Постои разлика меѓу официјалната политика на македонската влада и расположението на македонскиот народ“

од Nikola Popovski
614 прегледи

Mакедонската и косовска влада одржаа заедничка седница во Приштина. За премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти, време е за решавање на економските прашања, бидејќи треба да се разговара за иднината, а не за минатото. Ќе се продлабочува соработката во енергетиката, инфраструктурата, образованието. Но, екстрадицијата на осудените во монструм сè уште е отворено прашање. Побарано е повеќе време.

Иако речиси сите министри од македонската влада присуствуваа во Приштина, впечатливо беше отсуството на еден од вицепремиерите и министер за односи со заедниците, Иван Стоилковиќ.  Причината за неговото отсуство од владината делегација, како што рече Мицкоски, се оправдани обврски. Сепак, неговото отсуство не е неочекувано поради ставовите што претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија ги има спрема северниот сосед, кои се во согласност со официјалната политика на Србија, која не ја признава независноста на поранешната српска покраина.

-Мислам дека ние како држава и како влада многу одамна сме кажале што е Косово, меѓу првите во светот. Не треба да дозволиме таа тема некој да ја злоупотребува. Ние меѓу првите како македонска влада кажавме кој е нашиот став поврзан со Косово како држава и сите овие настапи се јасна порака за тоа. Ако континуирано некој се обидува ова да го повторуваме, мислам дека ќе ја изгубиме суштината. Мислам дека сè она што се случува денеска тука и претходно во Скопје на самиот почеток на независноста на Косово, што го направи македонската влада меѓу првите во светот е јасен параметар и показател кој е нашиот став, рече Мицкоски запрашан од еден од косовските новинари дали Стоилковиќ навистина горел од желба да присуствува на меѓувладината седница со оглед на неговите ставови.

Како нашиот северен сосед гледа на седницата и македонско-косовските односи?

Српската јавност внимателно ги следи сите активности кои доаѓаат од косовските институции, особено кога станува збор за билатерални средби со соседните земји. Според српскиот политички аналитичар Жељко Ињац, во конкретниот случај, важен контекст е силното влијание на албанскиот политички фактор во Македонија. Очигледно е дека, вели тој, ваквите средби служат за зајакнување на врските кои лесно би можеле да се инструментализираат за да се остварат големоалбанските аспирации.

Жељко Ињац

-Иако регионалната соработка е секогаш добредојдена, особено во нашиот дел од регионот кој ги нема придобивките што ги уживаат земјите-членки на ЕУ, треба да се знае дека македонскиот народ, поголемото мнозинство, не го дели мислењето на нивната влада по прашањето за признавање на Косово. Македонците добро знаат до што може да доведат етнички тензии во нивната земја, каде што има и албански аспирации за отцепување на дел од територијата. Србија е отворена за разговори со сите свои соседи, вклучително и со Македонија, но секогаш низ призмата на меѓусебно почитување и почитување на принципите на меѓународното право, истакнува Ињац во разговор за „Локално“.

Соговорникот објаснува дека зајакнувањето на врските со Србија е позитивно за Македонија, но се чини дека постои одредена разлика меѓу официјалната политика на македонската влада и расположението на македонскиот народ. Дециден е дека мнозинството Македонци, соочени со слични проблеми како албанските аспирации за територијални промени, на признавањето на Косово гледаат со резерва.

-Од друга страна, Србите разбираат дека политиката на Северна Македонија е условена од политичкиот Запад, кој до сега речиси секогаш ги фаворизираше албанските желби и дека Македонија е под силно влијание на албанските политичари. Токму ова е една од причините зошто Србија, како и другите земји како Грција или Романија, остануваат на позицијата да не прифаќаат еднострани потези кои можат да ја загрозат стабилноста на регионот, оценува Ињац.

Отсуството на Стоилковиќ на заедничката меѓувладина седница, според Ињац, ја покажува сложеноста на политичките односи во владата на Македонија и дека постојат различни погледи на односите со Косово.

-Премиерот Мицкоски изрази став кој е усогласен со актуелните интереси на неговата влада, но важно е да се нагласи дека мнозинството Македонци не поддржуваат еднострани потези кои можат да го загрозат интегритетот на нивната земја.

Србија ја разбира специфичната позиција на Северна Македонија, обид да се балансира меѓу албанските аспирации и падот на самата влада, но верува дека попрагматичен пристап, како оној што го преземаа Шпанија, Грција или Романија е пример што ќе донесе повеќе стабилност на целиот регион. Иднината на регионалните односи не зависи само од локалните актери, туку и од глобалните влијанија, како што се политиките на новата американска администрација. Иако албанското лоби останува силно во Америка, Доналд Трамп е познат по тоа што не ги заборава политичките противници. Доаѓањето на Доналд Трамп на власт во Америка секако ќе влијае на регионалните политички настани на Балканот. Неговата администрација сигурно нема да го игнорира фактот дека Албанците го поддржаа неговиот противкандидат на изборите. Со оглед на неговиот карактер и политички стил, тоа може да има ефект на намалување на поддршката за албанските проекти кои предизвикуваат регионални тензии, наведува српскиот аналитичар.

Сличен став има и независниот новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ. Во разговор за „Локално“ наведе дека Македонија е земја која треба да креира сопствена внатрешна и надворешна политика заснована пред се на почитување на нејзините интереси. Но, како што вели, ако земам предвид колку отстапки има направено во однос на барањата на глобалистите и колку има добиено поради нејзината соработка, би рекол дека треба да имате сериозна дебата во општеството за македонскиот суверенитет.

Милутин Миша Илиќ

-Околу 29 проценти од вашите граѓани се од албанска националност, но тие бараат многу повеќе од 29 проценти и Бугарија и Грција покажуваат некакви претензии кон вашиот суверенитет. Според мене, братскиот српски народ не треба случајно да тргне по сличен пат како наведените, туку треба да покаже разбирање за вашите различни компромиси за спас на државата и народот. Впрочем, и Србија го прави тоа успешно, тврди Илиќ.

Објаснува дека лесно може да се изброи колку земји не го признаваат Косово од гледна точка на меѓународното јавно право. Но, според него, не можете да ги ставите ставовите на одредени партии и политичари во оние земји што го признаа во ист пакет, барем не додека владее демократијата.

-Инаку, јас сум за тоа дека политичарите се обврзани да им овозможат на граѓаните поквалитетен живот и затоа мислам дека треба да се поддржи секој договор што им го олеснува секојдневието на луѓето, односно помала администрација и разни граници. Во овој случај може да се разбере таквиот став на Македонија. Но, тоа нема да го промени решението на прашањето за нелегитимното отцепување на Косово во блиска иднина во контекст на создавање нови поделби на моќ во светот, кажа Илиќ во разговорот.

Премиерот Мицкоски истакна дека средбата во Приштина беше исклучително продуктивна и исполнета со отворен и искрен дијалог, што е од клучно значење за понатамошното зајакнување на односите помеѓу двете земји. Посочи дека договорени се конкретни чекори кои ќе придонесат за подобрување на транспортните и енергетските врски, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој и напредокот на земјите во регионот.

Косовскиот колега Курти изјави дека од 1 јануари 2025 година ќе се олесни движењето на граѓаните бидејќи ќе се воведат заеднички премини. Моделот за излез-влез ќе се применува на двата премини, каде полицајците ќе работат во заедничка зграда, така што времето на чекање на границата ќе се скрати, рече Курти.

-За 10 месеци од годинава регистрирани се пет милиони премини во двата правци, изјави Курти и го поздрави завршувањето на изградбата на автопатот од Блаце до Скопје, кој ќе ја поврзе автопатската мрежа со автопатот „Арбен Џафери“.

Според зборовите на Курти, Косово и Македонија немаат несогласувања, а како „соседи кои делат граница“, соработката во безбедносните прашања им е особено важна.

Н.П.

Слични содржини