Србиновски: Одлуката за ракетни напади длабоко во Русија има двоен ефект – може да ја ослаби руската воена машинерија, но истовремено ризикува да ја зацементира решеноста на Москва и да ја прошири војната

Србиновски смета дека целта не е освојување територија, туку зголемување на цената на агресијата до точка кога Москва ќе мора да преиспита дали може да ја продолжи

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Александар Србиновски

Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, одлуката на Вашингтон да ѝ дозволи на Украина да ги користи западните оружја за удари на руска територија е фундаментална промена во стратегијата на конфликтот. Таа им овозможува на Украинците да таргетираат клучни воени аеродроми, складишта за муниција и командни центри длабоко во Русија, со што се прави војната логистички неодржлива за Кремљ.

Србиновски смета дека целта не е освојување територија, туку зголемување на цената на агресијата до точка кога Москва ќе мора да преиспита дали може да ја продолжи.

-Во контекст на Трамп, ова се вклопува во неговата позната тактика на „максимален притисок “: создавање криза за да наметне преговори под сопствени услови. Краткорочно, ризикот од ескалација е голем. Но, за Русија ова е потврда дека конфликтот веќе не е само „локален“ – дека Западот е подготвен директно да го поддржи нападот врз нејзина територија. Таквиот чекор може да ја зацврсти перцепцијата во Кремљ дека ова е егзистенцијална борба со НАТО, што може да ја зголеми поддршката за војната внатре во Русија и да предизвика поостри одмазднички удари. Со други зборови, оваа одлука има двоен ефект: може да ја ослаби руската воена машинерија, но истовремено ризикува да ја зацементира решеноста на Москва и да ја прошири војната, вели аналитичарот во разговор за „Локално“.

Украина доби дозвола за ракетни напади длабоко во Русија: „Трамп преку максимален притисок сака да наметне преговори под негови услови, но ризикот од ескалација е голем“