Србите на протест во Северна Митровица, му порачаа на Вучиќ дека ги предал

од Vladimir Zorba
255 прегледи

Во Северна Митровица, пред канцелариите на Српската листа – најголемата партија на косовските Срби која функционира со поддршка на Белград, беше организиран протест на граѓаните против официјалната политика на Србија на Косово и односот на косовскиот премиер Албин Курти кон Србите.

Протестот беше најавен на социјалните мрежи против „велепредавството“ на српскиот претседател Александар Вучиќ, „тортурата на Курти врз Србите и окупацијата на северно Косово“, и недозволивото непостапување на КФОР (Мировната мисија на Косово предводена од НАТО) и ЕУЛЕКС (Мисијата за владеење на правото предводена од ЕУ)“.

Еден од организаторите на протестот Иван Милетиќ рече дека се собрале затоа што „дојде последниот час – народот на Митровица и Косово нема да застане и да се предаде, туку ќе се бори до последен“.

Тој рече дека за време на барикадите на северот на Косово верувале дека Вучиќ сакал да застане зад Србите и да ги поддржи, но тоа не се случило.

Милетиќ изјави дека на сите им порачуваат дека повеќе нема да го „издржат теророт на Курти“.

Тој ги повика Курти и меѓународната заедница да ги повлечат сите полицајци на специјалната единица од северот на Косово и да ги затворат базите.

Милетиќ рече дека немаат ништо против албанскиот народ и народот кој има добра волја, туку дека „тие се против теророт“ и повика на итно повлекување на полициските сили од северот, бидејќи „мнозинството од српскиот народ сака да живее во слобода“.

Толпата извикуваше „предавство“.

Од средбата беше кажано дека никој не е против државата Србија, но на државниот врв му порачаа повеќе да не ги „заштитува на ваков начин“, бидејќи на референдумот пред повеќе од десет години се изјаснија дека сакаат да живеат во нивната сопствена Република Србија и дека им е наметната Српска листа, која не ги застапува.

Од средбата беше речено дека „бараат од официјален Белград да ги сослуша луѓето што живеат овде, кои се уценувани и се плашат“.

Беше побарано и да се ослободат уапсените Срби на Косово, а Белград да ги прекине преговорите додека не се исполнат барањата.

ФОТО: РСЕ

Слични содржини