Фудбалската федерација на Србија се закани дека ќе се повлече од Евро 2024 доколку Албанија и Хрватска не бидат казнети.
Причина за ултиматумот е однесувањето на навивачите на двете селекции на вчерашниот натпревар од групата Б, на кој Албанија ремизираше 2:2 со гол во продолжението.
„Фудбалската федерација на Србија бара од УЕФА најстроги мерки и ако не бидеме задоволни, ќе го напуштиме Евро 2024. Тоа што се случи е скандалозно и не треба да се повтори. Сакаме навивачите кои извикуваа неприфатливи пароли да добијат драконски казни“, – изјави генералниот секретар на централата, Јован Шурбатовиќ.
„Испративме жалба до УЕФА поради тоа што се случи на натпреварот помеѓу Хрватска и Албанија. За такво однесување нема место во фудбалот. Не сакаме да бидеме инволвирани доколку се повторат вакви инциденти“, додаде Шурбатовиќ пред денешниот натпревар меѓу Србија и Словенија.