Богатата архива на СВП, од денеска, е уште побогата, со чинот што го направи новинарот, публицист и културен работник, Веле Митаноски. Тој на директорот на СВП, Тодорче Тасевски, му предаде вкоричена и систематизирана збирка на стари фотографии, од настани на поетскиот фестивал, почнувајќи од 1970 гоидина.
Примајќи го невообичаениот подарок, Тасевски рече дека е тоа драгоцен прилог, кој ќе ги поттикне да продолжат со целосното средување на и така богатата архива, која ќе биде дигитализирана и во трајна форма ќе сведочи за развојот и афирмацијата на СВП.
Поетот, учесник на годинешното издание, професор д-р Христо Петрески, чинот на својот колега, со кого едно време го јадел новинарскиот леб од седум кори, го нарече срдечен, хуман и несебичен гест.
-Колегата Митаноски се одважи да преотстапи едно долгогодишно историографско сведоштво за повеќе генерации учесници на СВП, кое ќе биде драгоцено за подготвување на јубилејната монграфија догодина, една драгоцена збирка на настани и личности. На овие фотографии не им требаат зборови, тие зборуваат самите-без зборови. СВП го заслужуваат тоа, Митаноски и сите ние кои сме биле дел од струшкиот, а истовремено и светски поетски фестивал, знаеме за какви артифакти станува збор.
На чинот на предавањето, присуствуваше и познатиот српски поет Мајо Даниловиќ, како учесник, но и во својство на специјален пратеник на генералниот секретар на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, д-р Лаура Троиси.
-Возбуден сум од овој чин кој не сум го видел на друго место. Чин на збогатување на една ризница од факти, за една од најголемите поетски приредби во светот. Несебичен чин кој доаѓа од еден човек, еден од највозрасните сеуште активни новинари, на некој начин потписник на азбуката на новинарството во регионот, човек кој повеќе од половина век се бори за воистиновување на вистината, потенцираше Даниловиќ, инаку високо рангиран во Светската академија на поезијата и прв човек на Оделението за Балканот и словенскиот свет.