„Премиерот е во Вашингтон на Самитот на НАТО и таму ќе го постави прашањето за почитување на Договорот од Преспа од страна на Северна Македонија“, изјавил портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, одговарајќи на новинарски прашања.
Запрашан за евентуална средба на премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис на маргините на НАТО, Маринакис одговорил дека не е планирана средба. Сепак навел дека не е исклучено, грчкиот премиер да има билатерални средби.
Според официјалните програми на двајцата премиери, освен на Самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Џо Бајден.
-Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Мицотакис ќе го покрене, потенцирал Маринакис за активностите на грчкиот премиер пред тамошните новинари.
Во однос на тоа што би се случило во спротивно, доколку не се почитува Преспанскиот договор, грчкиот премиер уште претходно најави „непријатно прво искуство“ на НАТО Самитот. Посочи дека исто така имаат начин да им објаснат на пријателите, затоа што, како што рече го сметаат „народот на Северна Македонија за пријателски народ“ дека, на крајот, „ако сакаат да се приближат кон Европа, патот кон Европа оди преку Грција и преку добри односи со Грција“, додавајќи дека истото важи и за Албанија.
Македонската делегација на чело со премиерот Мицкоски на Самит во НАТО во Вашингтон, каде ќе се одбележи 75-годишнината од основањето на Алијансата. Најавени се голем број средби со државници, бизнисмени, а претседателот на владата оствари средби со дијаспората. Се очекува и објава за нова странска инвестиција.