Средба на претседателот Пендаровски со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо во Дубаи

од Radmila Tasevska
243 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Дубаи, за време на неговото учество на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28, оствари средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо.

На средбата се разговараше за тековната соработка на нашата земја со Европската банка за обнова и развој, за регионалната соработка и интеграција, како и за поддршката на ЕБОР кон Северна Македонија во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија.

Претседателот Пендаровски изрази уверување дека добрата соработка со ЕБОР, како најактивна меѓународна финансиска институција во земјава ќе продолжи и во иднина и дека таа соработка, која силно ја поддржува македонската европска реформска агенда е неопходна за реализација на јавни проекти што ќе бидат од корист за националната економија и за граѓаните.

Во таа насока беше разговарано за Договорот што треба да биде објавен за време на Климатскиот самит КОП28, а кој се однесува на план вреден 4 милијарди евра, одобрен од меѓународни кредитори, вклучително и Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД) и Светската банка. Нашата држава е дел од планот, „Инвестициска програма за праведна енергетска транзиција”, што опфаќа проекти за замена на јагленот, преку поддршка на влади, јавни доверители и приватни инвеститори.

Соговорниците разменија мислења и информации и за тековните економски движења во регионот и Европа, како и за предизвиците со кои се соочува овој сектор во услови на економска и геополитичка неизвесност.

Слични содржини