Средба на владата со компаниите – членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство

од Aleksandar Todeski
308 прегледи

Во Стопанската комора на Македонија денеска се одржа уште една сесија од редовните работни средби на компаниите членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, известуваат од владата.

На средбата, на која присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и Софче Јовановска, шефица на кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев, беа презентирани на решенијата и текот на остварувањето на некои од предлог-препораките за унапредување на бизнис климата креирани од компаниите од ТИРЗ и индустриските зелени зони нотирани на претходната работна средба.

На денешната средба претставниците на компаниите со странски капитал во ТИРЗ-овите во нашата земја, како и оние надвор од зоните покажаа интерес за измени во неколку области, особено во делот на даночната сфера и понудија свои решенија за кои претставниците на владата истакнаа дека ќе бидат земени предвид.

„Во делот на усогласување со царинските стапки на ЕУ, како една од сугестиите што дојдоа од страна на Советот на странски инвеститори, беше укажано дека во овој момент обврска на Република Северна Македонија е да ја усогласува Царинската тарифа со измените во ЕУ само во делот на системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и забелешките кон соодветните оддели и глави, односно не се врши усогласување во делот на царинските стапки, и дека тие обврски земјата ќе ги има по пристапувањето во членство кога ќе се применува Царинската тарифа на ЕУ“, стои во соопштението од владата.

Претставниците на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори, на средбата покажаа интерес за примената на одредбите за субвенционирање на придонесите за здравствено и социјално осигурување за делот од платата зголемена за 6.000 денари, како и за некои аспекти од легислативата што ги покрива работните односи.

Премиерот Заев упати апел работодавачите да ја следат и да земат учество во јавната расправа за новиот предлог на Закон за работни односи и низ заедничка дебата на Економско-социјалниот совет со синдикатите и Владата, да се стигне до најдобри решенија за сите засегнати страни.

Слични содржини