Средба Османи-Стенстром: За Македонија е клучна поддршката од меѓународните пријатели

од desk2
83 прегледи

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес беше домаќин на делегација на Кралството Шведска предводена од Државниот секретар на Министерот за европски прашања и трговија, Оскар Стенстром.

Како што информираат од кабинетот на Османи, на средбата биле отворени темите за билатералната соработка помеѓу двете земји, евроинтегративниот процес на Македонија, како и за поддршката на Кралството Шведска за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.

Османи изразил благодарност за активната улога на Кралството Шведска во решението на долгата политичка и институционална криза која ја имаше зафатено земјата, како и за поддршката на евроинтегративниот процес на Република Македонија.

За време на средбата била потврдена посветеноста на Владата целосно и навремено да ги имплементира предвидените реформи од Планот 3-6-9, со цел, подготвена да ги дочека клучните датуми за евроинтегративниот процес на земјава.

Османи ги запознал соговорниците со позитивниот исчекор во развојот на добрососедските односи, а на средбата биле отворени и темите за меѓусебната соработка, билатералната помош на Кралството Шведска за нашата земја, за која соговорниците споделиле заемни уверувања и очекувања истата да продолжи и во иднина со несмалено темпо.