Средба Османи- Сулеименова: Меѓурегионална соработка ќе придонесе кон намалување на последиците од климатските промени во Европа и Централна Азија

од Stefanija Kuzmanovska
304 прегледи

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, денес, во Астана, во рамки на посетата на Централна Азија, заедно со специјалниот претставник за животна средина на ОБСЕ Претседавањето, Насер Нуредини, остварија средба со министерката за екологија и природни ресурси на Казахстан, Зулфија Сулеименова.

Османи на средбата истакна дека заложбите на Казахстан во заштитата на животната средина позитивно влијаат во поширокиот регион на Централна Азија, воедно потенцира дека еден од приоритетите на претседавањето на Северна Македонија е справувањето со климатските промени, при што ќе продолжиме да поттикнуваме иницијативи и проекти кои ќе значат заеднички пристап во регионот на ОБСЕ за справување со последиците од климатската криза.

„Проектите што Казахстан ги спроведува, со поддршка на ОБСЕ, особено за еко-пристаништата Курик и Атаку, се од огромно значење за поширокиот регион на ОБСЕ. Тие, не само што придонесуваат за ублажување на ефектите од климатските промени, туку ја подобруваат и позиционираноста на Казахстан во Средниот коридор и глобалната логистичка индустрија“, истакна Османи.

Специјалниот претставник Нуредини упати на важноста на политиките на економската и еколошката димензија за регионот на ОБСЕ, особено за регионот на Централна Азија. Ја подвлече важната улога на Казахстан, во доменот на трансформацијата на еколошките политики и менаџирање со природните ресурси, како лидер во овој регион. Воедно, Нуредини разговараше за проектни активности кои може да се реализираат во соработката меѓу ОБСЕ и Казахстан, и ги пренесе позитивните искуства од прекуграничната соработка на ова поле во нашиот регион, разменувајќи идеи за меѓудржавна и меѓурегионална соработка во иднина.

Покрај тоа, ОБСЕ и Казахстан ќе соработуваат и на проектот „Промовирање на зелени пристаништа и поврзување”, чија крајна цел е за подобрување на трговската и транспортната поврзаност од Централна Азија до Европа. Во тој контекст, иницира за време на Претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ да се одржи министерски состанок во Казакстан за да се забрза целиот процес.

Слични содржини