Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји следната недела ќе се сретне со министрите за надворешни работи на Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина и со вицепремиерот на Косово.
Пред одвоените средби со претставниците на Западен Балкан, Вархеји ќе учествува на дискусијата за Западен Балкан на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел во понеделник, на која ќе се фокусира на ситуацијата во БиХ и односите меѓу Србија и Косово.
Вархеји во понеделник ќе разговара со шефот на црногорската дипломатија Ѓорѓе Радуловиќ и со министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, објавено е на веб-страницата на Европската комисија.
Во вторник, на 16 ноември, Вархеји посебно ќе ги прими министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, вицепремиерот на Косово, Бесник Бесљими и шефот на дипломатијата на БиХ, Бисер Турковиќ.