Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од г. Жак Минијан, којашто деновиве е во посета на нашата држава, оствари средби со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот од Народната банка. Покрај тимот од Вашингтон, на состанокот присуствуваше и резидентната претставничка на ММФ во Република Северна Македонија, Стефани Ебле.
На средбата стана збор за актуелните макроекономски остварувања во земјата, како и за очекувањата и проекциите на Народната банка за следниот период.
Шефот на Мисијата на ММФ, г. Минијан, истакна дека Народната банка има преземено навремени и соодветни мерки коишто придонесуваат за одржување на финансиската и ценовната стабилност. Затегнувањето на монетарната политика дава резултати, што може да се види од забавувањето на инфлацијата. Сепак, со инфлација којашто сѐ уште е висока и тука, и во странство, треба да се биде претпазлив, со што целосно се согласува и гувернерката. Од друга страна, ММФ ги пофали макропрудентните мерки преземени досега, коишто ја зголемуваат отпорноста на банкарскиот систем на можни ризици. ММФ го оценува банкарскиот систем како здрав и отпорен, со доволен капацитет за справување со можните шокови. Сепак, неизвесноста постои и од клучно значење е да се продолжи со водењето претпазливи политики.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на мерките преземени досега од страна на централната банка, преку затегнување на монетарната политика и системските мерки за зголемување на отпорноста на банкарскиот систем. Притоа, посочи на трендот на забавување на инфлацијата, постепеното стабилизирање на инфлациските очекувања, поволниот девизен пазар и сѐ поголемата денаризација на депозитната база на банките, како показатели за ефектите од досегашните мерки. Ангеловска-Бежоска особено го истакна банкарскиот сектор, којшто и натаму е стабилен, додавајќи: „Билансите на нашите банки се солидни, високо капитализирани и ликвидни и со солиден квалитет на кредитното портфолио. Сепак, и натаму е неопходно будно следење на состојбите и претпазливост.”
Во однос на макроекономските проекции на Народната банка, беа истакнати очекувањата за стабилизирање на економскиот раст и умерено забрзување на среден рок, како и за постепено забавување на инфлацијата. Притоа, се разговараше и за ризиците за проекциите коишто главно произлегуваат од надворешниот сектор, како и за неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, беше посочено и на растот на платите, а особено на соодносот со растот на продуктивноста, како елемент што треба внимателно да се следи. Девизните резерви и натаму се соодветни и овозможуваат непречени монетарни реакции заради остварување на основната цел ‒ ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот.
На средбата беше изразено задоволство од постојаната соработка помеѓу Народната банка и ММФ.