Целта на Министерството за внатрешни работи е законито и професионално постапување во насока на организирање и спроведување на фер и демократски изборен процес, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Килијан Вал, на која присуствуваа и заменик-министерот Назим Буши, како и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев.
Од МВР информираат дека Тошковски го запознал амбасадорот Вал за моменталното функционирање на МВР и истакнал дека заедничкото раководење на истото е со заедничка цел, а тоа може да носи само добро за граѓаните.
– Министерот Тошковски посочи на спреченоста од страна на Владата да бидат усвоени сите 15 предлог раководни позиции во министерството и наместо тоа од нејзина страна е добиена согласност само за 14 вакви позиции. Тој изрази загриженост што техничката Влада на својата прва седница стави дамка на овој процес, соопштуваат од МВР.
Тошковски го образложил и наследениот проблем со процедурите за вадење на лични документи и ги претставил преземените чекори за ублажување на состојбата, а со цел граѓаните да можат на, како што велат од МВР, достоинствен начин да дојдат до својот личен документ.
На средбата, амбасадорот Вал се заблагодарил за успешната соработка со МВР и ја потврдил подготвеноста на ОБСЕ за нејзино интензивирање, нагласувајќи дека Мисијата на ОБСЕ останува силен партнер и поддржувач на политики кои придонесуваат кон стабилност и безбедност на државата и регионот.
– Воедно, амбасадорот го потенцираше и значењето на изборните процеси кои следат и изрази очекување дека истите ќе бидат фер и демократски, известуваат од Министерството.
Дополнителниот заменик-министер Бојмацалиев се заблагодарил за досегашната соработка со Мисијата на ОБСЕ, потенцирајќи го притоа успешното организирање на Самитот на ОБСЕ во Скопје.
– Накусо ги претстави преземените законски мерки од страна на МВР од потпишувањето на Преспанскиот договор до изработката на првата патна исправа со новото име на државата, потенцирајќи дека се работи за долга процедура која не зависела само од Министерството за внатрешни работи, соопштуваат од МВР.
На крајот од средбата, соговорниците се согласиле дека соработката меѓу МВР и Мисијата на ОБСЕ треба да продолжи на највисоко ниво и таа ќе придонесе кон безбедна и стабилна иднина за граѓаните и државата.