Средба Вучиќ и Курти во Брисел: Усвоена декларација за исчезнатите

од Vladimir Zorba
179 прегледи

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти започнаа нова рунда дијалог на највисоко политичко ниво под покровителство на Европската унија (ЕУ).

Веднаш на почетокот на средбата беше усвоена декларација за исчезнати лица. Како што беше претходно објаснето во Брисел, текстот на декларацијата е веќе договорен и само се чекаше формално усвојување на највисоко политичко ниво. На Косово се уште се трага по повеќе од 1.600 лица.

Втората тема на средбата се однесува на процесот на формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово. Менаџерскиот тим треба да го претстави првиот нацрт на уставот на ова тело, по што лидерите треба да расправаат за него.

Ова е прва средба на лидерите по средбата во Охрид на која на 18 март се договорија за анекс на имплементација на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. На средбата во Брисел одржана на 27 февруари тие го договорија текстот на договорот.

За разлика од претходните средби, овој пат домаќините на средбата, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, не остварија одвоени средби со делегациите, туку директно отидоа на состанок.

Слични содржини