Се чувствува слобода и отвореност кај граѓаните, поинаква, позитивна клима во државата, по демократските промени. Сега треба само да се продолжи процесот што води до перспективи на Република Македонија и на луѓето кои живеат тука.

Ова го истакна Ерван Фуере, поранешниот амбасадор на ЕУ во Република Македонија на денешната средба со премиерот Зоран Заев, соопшти прес службата на Владата.
Фуере, се додава, пренесе дека во Брисел постои охрабрување дека премиерот Заев и новата Влада ја поставија Македонија на европскиот пат. Ги поддржа реформите на кои интензивно работи Владата и нагласи дека е важно да се земат предвид оценките од последниот извештај на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, посебно во делот на реформите што треба да обезбедат функционална правна држава.
– Посветено работиме на реформите што треба да донесат квалитетен живот за граѓаните и да придонесат во евро-атлантските интеграции. Дел од нив се и реформите во судството. Покажавме дека сме различни и дека нашата цел е да обезбедиме независно правосудство низ транспарентни одлуки во кои главниот збор го има независната експертска јавност. Но, како Влада цврсто сме определени кон функционирање на правдата. Законите мора да важат и ќе важат подеднакво за сите, рече премиерот Заев, стои во соопштението.
Премиерот Заев, додаде дека Владата уште во првите 100 дена успеа да изгради доверба меѓу граѓаните и во јавноста, низ инклузивни политики низ кои и во иднина ќе се решаваат сите важни прашања за Република Македонија. Исто така, низ пријателскиот пристап, покажа дека е можно да се интензивираат добрососедските односи и да се насочат кон заедничките интереси, а тоа е обезбедување евро-атлантска иднина на регионот во интерес на сите граѓани.
– Од тие причини, очекуваме на есен да биде тргната условеноста на препораката на Република Македонија за членство во ЕУ, а во скоро време и отпочнување преговори за членство, рече премиерот Заев.
Поранешниот амбасадор Фуере, истакнал дека ќе продолжи да ги поддржува политиките што носат развој на Македонија.