Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во рамки на дводневната посета на Берлин, Сојузна Република Германија, денеска оствари средби со претседателот на СПД Германија и кандидат за канцелар Мартин Шулц и со премиерот на Шведска, Стефан Лофвен.
Како што соопшти СДСМ, Шекеринска вчеравечер се сретнала и со Кнут Флекенштајн, европратеник и заменик претседавач на пратеничката група на Социјалисти и демократи во ЕП.
– На средбите, заменик претседателката Шекеринска уште еднаш доби недвосмислена поддршка и охрабрување за напорите на СДСМ за демократизација на Македонија и спроведување реформи за остварување на евроатланските аспирации, стои во соопштението.
Шекеринска денеска учествува на состанокот на президиумот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), каде, како што се наведува, ги информирала претставниците на сите сестрински партии од Европа за последните случувања во Република Македонија и потезите на СДСМ во насока на надминување на политичката криза преку демократски средства.