Просечната оценка од полагањето државна матура во јунската сесија, по сите предмети и во сите средни училишта, е 3.37 и е повисока во однос на минатата учебна година кога средниот успех беше 3.11 Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Мируше Ахмети на денешната прес-конференција ги соопшти прелиминарните резултати од осмата државна матура од полагањето во јуни, и според неа има подобар успех по сите предмети од испитот.

Матурантите покажале подобро знаење и по математика – предметот што од идната година ќе стане задолжителен.
По предметот мајчин јазик и литература средната оценка е 3.47 и е повисока од полагањето во 2014 (2.99); математика е 3.19 и е подобра од минатата година (3.04); англиски јазик 3.10 (лани 2.88); кај другите три странски јазици има, исто така, повисок просек 3.54, наспроти 3.43 во 2014. Кај другите предмети средните оценки се: филозофија 3.67; естетика 3.81; бизнис 3.43; хемија 3.50; биологија 3.64; физика 3.44; историја 3.52.
На државната матура во јуни биле пријавени 52.090 кандидати по сите предмети, на тестирањата учествувале 49.861, а отсуствувале 2229. За кандидатите кои отсустувувале во јуни, кои не ја положиле или не во целост, наредната сесија ќе се реализира од 17 до 20 август.
Официјалните резултати ќе бидат објавени во вторник, по што незадоволните матуранти ќе можат да поднесат жалба.