По договорот помеѓу Сојузот на средношколци и Владата во однос на полагањето на државна матура која ќе се состои од два интерни, два ектерни испити и проектна задача, се огласи и Средношколски глас, кој не се согласува со ова компромисно решение.
Од Средношколски глас, сметаат дека ова решение не е поволно за средношколците и дека истото е донесено во затворен круг без консултација на пошироката средношколска јавност.
„Договорот кој го постигнаа, најверојатно по партиска наредба, не е ништо освен дополнително потценување на средношколците. Се залагаа за кратење на испитите, но ништо не се исполни. Новиот концепт не го намали материјалот или бројот на испитите“, посочија од таму во својот допис до медиумите.
Во дописот се вели и дека нивното барање е да се намали бројот на испитите на два eкстерни и проектна задача и да се организираат дополнителни часови за дообучување поради, како што велат, неквалитетната настава која се реализира онлајн.
Инаку, за потсетување, Средношколски глас на 11 декември 2020 организираше протест пред Министерството за образование и наука и со повик „Стоп за државната матура“ и бараа укинување на матурскиот испит и за оваа генерација матуранти, како и за минатогодишната, затоа што, како што тогаш изјавија нивни претставници, епидемијата се уште трае и наставата се реализира на далечина.