Бизнис светот денеска

Њујорк – Акциите на Џенерал Електрик следната недела ќе бидат извадени од Дау Џонс, што ќе значи крај на повеќе од стогодишното учество на конгломератот во индустрискиот индекс. Акциите ќе го напуштат индексот пред отворањето на берзата во вторник на 26 јуни, а на нивно место ќе дојде фармацевсткиот синџир Волгринс Бутс Алијанс (Walgreens Boots Alliance). Џенерал Електрик, чие седиште е во Бостон, е меѓу првите учесници во Дау Џонс од 1896 година и е постојан дел од индексот од 1907 година. Меѓутоа, во последните години компанијата се бори со голем број проблеми и многу ослабна по финансиската криза пред една деценија. По веста за индексот, акциите на Џенерал Електрик паднаа за 1,5 отсто, додека на Валргринс се зголемија за 2,2 отсто.
Белград – Според податоци од Народната банка на Србија, дијаспората во првите три месеци од годинава испратила 683 милиони евра, што је за 10,7 отсто повеќе од истиот период минатата година. Србите од светот во татковината праќаат повеќе пари отколку што Србија успева да привлече странски инвестиции. Девизите од роднините во странство се редовен извор на приходи за многу Срби кои на овој начин го пополнуваат домашниот буџет.
Вашингтон – Бројот на новозапочнати градби во САД порасна за 5 проценти во текот на мај и достигна 1,35 милиони, што укажува дека градежната индустрија, како клучна економска гранка во САД, е во исклучително добра состојба. Аналитичарите се единствено загрижени поради падот на поднесените барања за изградба на нови куќи и станбени згради од 4,6 проценти. Бројот на барањата за изградба на нови семејни куќи, кои претставуваат апсолутно најголем дел од пазарот, паднаа за 3,9 проценти на 936.000 во текот на мај.
Анкара – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека Турција планира да изгради и трета нуклеарна централа. Во Турција веќе се гради нуклеарната централа „Аккуји“, а во тек е реализација на проектот за изградба и на нуклеарката „Синоп“. – Нема да се ограничиме само на проектот за нуклеарната централа „Аккуји“. Ќе изградиме и трета нуклеарна централа. Нуклеарната централа „Аккуји“ ќе може да покрие 10 проценти од нашите потреби за енергија. Откако ќе биде пуштена во употреба и нуклеарната централа „Синоп“, ќе можеме да задоволиме уште поголем дел од нашите потреби за енергија, изјави Ердоган.
Виена – Русија и Саудиска Арабија вршат притисок врз ОПЕК за значително да се зголеми производството на нафта во јули, за да се надомести недостигот на нафта на пазарот предизвикан од намаленото производство во Венецуела и Либија. Сепак, Иран и други производители на нафта, се спротиставуваат на барањата на Русите и Саудијците.
Вашингтон – Сенатот на САД вчера го одобри буџетот за одбрана во вредност од 716 милијарди долари. На овој начин, Горниот дом на Конгресот го поддржа повикот на Трамп за посилна армија, но создаде и можност за несогласување со Белата куќа околу кинеската телекомуникациска фирма Зет Ти И (ZTE Corp). Сенатот на САД го одобри предлог-законот за годишниот буџет за одбрана со 85 гласа „за“ и 10 „против“.