Српскиот претседател, Александар Вучиќ, објави победа на Српската напредна странка на локалните избори во Србија, како и на повторените избори во Белград.
– Имавме мнозинство во Белград и по декемвриските избори, но сметавме дека тоа не е доволен легитимитет бидејќи некои не сакаа коалиција со нас. Сега наместо 54 мандати ќе имаме 62-63. Неверојатна е победата и во Нови Сад, 45 мандати, речиси 53 проценти од гласовите да се добие во Нови Сад – рече Вучиќ.
Српскиот претседател додаде дека во Ниш било најтешко.
Во меѓувреме, новосадската опозиција “Обединети за слободен Нови Сад” излегоа на протест пред Новосадскиот саем, кој е логистички центар за броење гласови. Граѓаните се собрани пред саемот, а внатре се распоредени припадници на полицијата. Во просториите на Саемот имаше и кол-центар на СНС, но беше распуштен откако таму дојдоа опозициските активисти.