Владата на Србија денеска соопшти дека било одлучено Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура да ја објави целата документација што е ставена на располагање на јавноста во наредните 24 часа и дека постои можност за кривично дело поради уривањето на настрешницата на железничката станиц во Нови Сад.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера им се обратил на граѓаните дека јавно ќе бидат достапни сите документи кои се донесени во Обвинителството за уривање на настрешницата и изјавил дека станува збор за вкупно 195 документи.
Вучиќ рекол и дека со тоа ќе се исполни главното барање на студентите кои ги блокираат факултетите, наведувајќи дека тоа е едно од најважните барања.
-Важно е поради вистината, поради фактите, поради сето она што следува, поради се што е важно заради одговорноста, заради наоѓање на оние кои треба да сносат одговорност за 15-те трагично загинати. Тоа е моја работа како претседател на Републиката. Знаев дека никој ништо не крие, изјавил српскиот претседател.
Тој посочил дека студентите секогаш можат да пристапат до документацијата и побарал од српскиот премиер Милош Вучевиќ и идната министерка за градежништво Александра Дамњановиќ Софронијевиќ да ја објават на нивните веб-страници.
Едно од главните барања на студентите кои ги блокираат факултетите низ Србија е објавување на документацијата за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.