Српски аналитичар: Прорусинот Несторовиќ ги зема гласачите од радикалната десница и ги остави под цензусот

од Nikola Popovski

Контроверзниот српски доктор Бранимир Несторовиќ кој што е предводник на движењето „Ние – глас од народот“ соопшти дека останува цврсто на одлуката да не коалицира со власта и опозицијата на ниту едно ниво, бидејќи смета дека и двете страни работат против интересите на државата и имаат различни сфаќања за Србија. Тврди дека една од главните причини за собирањето на „Ние – гласот на народот“ е борбата Косово да остане неотуѓив дел од Србија и дека се решени да ја прекинат, како што вели, антиуставната и антинародна политика на владата кон Косово. Колку за потсетување, неговата листа освои 13 мандати во парламентот на републичко ниво и од него ќе зависи кој ќе биде градоначалник на Белград.

Многумина се прашуваат на што се должи неговиот успех на изборите, со оглед дека го привлече вниманието на јавноста на самиот почеток на пандемијата на корона вирусот во Србија, кога на прес-конференција зборуваше дека коронавирусот е „најсмешниот вирус што постои на Фејсбук“. Социологот и политички аналитичар Јово Бакиќ во разговор за „Локално“ истакнува дека Несторовиќ ужива прилично висока репутација како пулмолог и педијатар. Вели дека слушнал доста сведоштва од различни луѓе кои тврдат дека докторот ги лекувал како деца или дека им помагал на нивните деца.

Јово Бакиќ

-Во исто време, за време на пандемијата со Ковид-19, тој се истакна по својот антиваксерски став и секакви шарлатанизми. „Синооките и зеленооките мора да имаат вонземјани меѓу нивните предци“, е само најбизарното тврдење во морето од бизарни што ги изговори, истакнува Бакиќ.

Додава дека Несторовиќ го напуштил Кризниот штаб сред пандемијата, бидејќи бил во конфликт со шефот на Кризниот штаб, д-р Предраг Кон, но на крајот, им била оддадена почит на двајцата, иако се залагале за речиси контрадикторни методи за борба против пандемијата.

-Бидејќи радикалната и конзервативната десница не успеаја да се обединат, Несторовиќ, кој е познат по својата проруска ориентација, облечен во маица со латинската буква Z, како и нескриен национализам, ги зема гласачите од радикалната десница и ги остави под цензусот. Впрочем, тој го зазеде местото на радикалната десница во Собранието, посочува Бакиќ.

Сепак вели дека најголемиот дел од српската екстремна десница секако е под контрола на режимот, а Несторовиќ не е исклучок.

-Несторовиќ успеа да измами некои искрени опозиционери меѓу десницата, кои почнаа да се сомневаат во опозициската насока на Заветник и Двери (коалицијата Национален собир, именувана по истоимената француска партија Марин Ле Пен), па сега му ја дадоа довербата и со тоа му овозможија на режимот да владее со Белград, иако тој остана без мнозинство како на последните избори (тогаш неколку пратеници од радикалната десница по изборите пребегнаа кај него и му обезбедија мнозинство), оценува соговорникот.

Кој е всушност доктор Несторовиќ?

Во 2020 година тој беше избран за еден од членовите на кризниот штаб за сузбивање на коронавирусот, но неговите ставови од самиот почеток дијаметрално се разликуваа од оние на другите експерти. Покрај тоа што ќе ги покани луѓето да одат на шопинг во Италија во време кога епидемијата на ковид се шири како шумски пожар во таа земја, тој ќе остане запаметен и по неговите изјави по завршувањето на вонредната состојба дека е вистинско време „за сите да се заразиме“ и дека „пандемијата е речиси завршена“. Тој се залагаше за ветеринарниот лек „ивермектин“, кој не е одобрен за лекување на Ковид.

„Децата ги носат гените од сите љубовници на своите мајки“, „Земјата е рамна плоча само малку закривена“, „Патувањето низ времето постои и тоа не е теорија на заговор“, се само дел од неговите реплики.

Тој е редовен професор во пензија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград и поранешен раководител на Катедрата за пулмологија и алергологија на Универзитетската детска клиника „Тиршова“. Речиси целиот свој работен век го поминал во „Тиршова“ и имал голем број задоволни и успешно излекувани пациенти.

Несторовиќ влезе во политиката во 1990-тите кога беше член на Српското движење за обнова и учествуваше во демонстрациите против Слободан Милошевиќ. По промените на 5 октомври премина во Демократската партија.

Фото: Танјуг/Тара Радовановиќ

Н.П.

Слични содржини