Српски аналитичар за „Локално“: Поддршката на Русија за „Отворен Балкан“ е прашање за размислување

од Nikola Popovski
422 прегледи

Прашањето за декларативната и ненадејна поддршка на Русија за „Отворен Балкан“ е прашање за размислување и толкување. Оние на Балканот на кои им пречи иницијативата, најверојатно ќе најдат дополнителна причина да го критикуваат проектот. Повторно, реалноста е дека проектот првенствено има американска поддршка, што се одрази и од амбасадорот Кристофер Хил претходните денови. Не верувам дека иницијативата е закопана, вели за „Локално“, политичкиот аналитичар Милан Игрутиновиќ од Институтот за европски студии во Белград.

Според него, односот на новата црногорска влада кон иницијативата ќе го видиме по позитивните сигнали на Дритан Абазовиќ, но ќе видиме и германска активност за ревитализација на Берлинскиот процес, кој претходно имаше содржини паралелни со меѓусебната економска либерализација.

-Изјавата на Русија ќе има само краткорочен ефект, главната динамика се случува надвор од Русија, појаснува Игрутиноновиќ за иницијативата „Отворен Балкан“.

Според него, Србија во моментов има важен интерес да ги заврши преговорите за гасниот аранжман на поволен начин, иако секој договор ќе биде под одреден притисок од севкупните односи меѓу Русија и ЕУ и логистиката на транспортот на гас (сега преку „Турски тек“ и Бугарија ).

-Не гледам никаков интерес на Русија за влошување на тие односи. Србија нема потреба да го влошува тоа, логиката на санкции и географски растојанија сама по себе ги намалува економските односи, а прашање е колку Русија сега може да и биде од корист на Србија за главните активности на нашата дипломатија во однос на косовското прашање. Во суштина, заладувањето се случува поради сплет на пошироки околности врз кои Србија нема големо влијание, наведува аналитичарот.

Тој информира дека Белград речиси секојдневно добива пораки дека е време да се приклучи кон санкциите на ЕУ против Русија и на тој начин да ја „одбере страната“.

-Некои се јавни, некои дипломатски и со посериозна конотација. Значи, ако сите овие пораки ги сфатиме како притисок, тогаш пораката на Пленковиќ е една од таквите пораки во низа. Мислам дека на Србија и е полесно со ваквиот исход од проста причина што ќе има помалку прашања и помал притисок од многу други страни да ја појасни својата позиција, рече Игрутиновиќ.

Околу најавата за посета на Белград на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, аналитичарот вели дека не ги знае деталите, односно дали Лавров бил повикан или сам се поканил.

-Во секој случај најавената посета носеше одреден политички и симболичен ризик. Од самиот почеток, забраната за прелет на руски авиони од страна на земјите од ЕУ и уште неколку земји требаше да го постави прашањето од која рута ќе доаѓа неговиот авион и да се стави знак прашалник за реализацијата на посетата. Германски извори пост-фестум објаснија дека евентуалната посета на Лавров нема да го загрози доаѓањето на Шолц. Шолц ја посети Србија на неколку часа во рамки на мултилатералната посета на Балканот и можеме да веруваме дека поради тоа не би ја откажал посетата, но посетата на Лавров би отворила и нова тема и би отворила нови прашања за Белград, оценува Игрутиновиќ.

Н.П.

Слични содржини