Српски доброволец загина во Украина

од Nikola Popovski
220 прегледи

Српскиот државјанин Стефан Димитријевиќ загинал на фронтот во Украина, а според податоците на Радио Слободна Европа (РСЕ), тој не е единствениот од Србија кој е на боиштето во таа земја.

Информацијата на 7 април ја потврди неговиот брат на социјалните мрежи, кој се поздравил и простил од него.

-Се надевам дека ќе го дочекам неговиот ковчег и ќе го погребам на руските гробишта во Белград, бидејќи мислам дека тој би сакал така, да биде блиску до дома  а на гробиштата на земјата за која го дал животот, стои во објавата.

Според каналите на Телеграм, каде што првпат се прошири веста, Димитријевиќ починал на почетокот на април на фронтот кај Луганск во источна Украина. Од српското МНР за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека немаат никакви информации за Димитријевиќ – ниту дека заминал во Украина, ниту дека починал.

Стефан Димитријевиќ бил на фронтот во Донбас во 2014 година, кога учествувал во конфликтите во Украина како борец на проруската страна, како дел од екстремно десничарско движење наречено „Меѓународна бригада “. Иако е познато дека Димитријевиќ бил под истрага на Генералното обвинителство во Украина, исходот не е познат.