Српски медиуми: Кавачкиот клан се повеќе се потпира на криминалци од Македонија за извршување убиства

-Војната на клановите досега одзеде околу 80 животи, десетици членови се уапсени или се во бегство, поради што веројатно се отворила потребата од „нов пазар“, пишуваат дел од српските медиуми

од Nikola Popovski
23 прегледи

Криминалните кланови од соседството кои водат крвава војна на истребување повеќе од една деценија почнаа да врбуваат македонски државјани како извршители на крвави ликвидации. Македонски граѓани, да потсетиме, се поврзани со обидот за убиство на Марко Љубиша Кан летово во Будва, Никола Станковиќ Пивце во Белград, како и со планирањето на ликвидацијата на навивачкиот водач Тадија П., кој е поврзан со криминална група. Според српски „Курир“, зголемената фреквенција на доведување во врска со млади Македонци укажува дека Кавачкиот клан почнал да регрутира граѓани на соседната земја.

– Фактот што државјани на Македонија се споменуваат во последните неколку криминални извештаи не значи дека нема повеќе „кандидати“ од Србија и Црна Гора. Можно е тие да нашле упориште во криминални групи од таа земја и да се поврзале со нив. Војната на клановите досега одзеде околу 80 животи, десетици членови се уапсени или се во бегство, поради што веројатно се отворила потребата од „нов пазар“ – вели соговорникот на српски „Курир“.

Тој потсетува дека меѓу брутално убиените Балканци на територијата на Боливија, кои биле мачени, а потоа спакувани во вреќи, освен Срби и Хрвати, имало и еден Македонец.

Да ве потсетиме дека Високиот суд во Подгорица издаде наредба за распишување меѓународна потерница по државјанинот на Македонија, Андреј Танасковски (18), откако тој се обидел да го убие Марко Љубиша Кан (56) на 7 август во Пржно, покрај базенот на хотелски комплекс. На тој ден, како што се сомневаат истражителите, Танасковски му се приближил на Кан и испукал најмалку два куршума во негов правец. Еден од нив го погодил жителот на Будва, наводно близок до Шкаљарскиот клан, кој претходно бил цел неколку пати, но не претрпел сериозни повреди. Напаѓачот, кој бил снимен од камерите, избегал и се уште се трага по него.

Се сомнева дека Танасковски користел фалсификувана српска лична карта на име Јован Галиќ, роден во 2006 година и со живеалиште во Белград, за да го скрие својот идентитет.

– Интересно е што по експлозијата во станот на улица Косовска, во која беше убиен и граѓанинот на Македонија, поранешен ракометар и модел Мартин Сипковски, истражителите пронајдоа шифриран телефон. Оперативните информации укажуваат дека експлозивот „пентрит“ што експлодирал во неговите раце поради нестручно ракување бил наменет за водачот на навивачите Тадија П. Сепак, она што им го привлече вниманието на искусните истражители е споменувањето на прекар што бил поврзан со организацијата на убиството на Пивце, а кој бил откриен меѓу кодираните пораки, вели изворот на српски „Курир“.

Слични содржини