„Туристите од Србија нема да плаќаат патарина во Северна Македонија“, „Туристите од Србија нема да плаќаат патарина во Северна Македонија од 15 јуни“, „ПОТВРДА НА ГОЛЕМОТО ПРИЈАТЕЛСТВО! Важна вест за српските туристи, наскоро бесплатна патарина во Северна Македонија“„ДОБРА ВЕСТ ЗА НАШИТЕ ТУРИСТИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Нема плаќање патарина на Коридор 10 во текот на летната сезона“…се дел од насловите во српските медиуми кои ја пренесоа вчерашната одлука на Владата за ослободување од плаќање патарина во земјава за српските државјани за време на летната сезона.
Во знак на благодарност за вакцините против ковид 19 кои Србија и ги донираше на земјава, Владата одлучи да ги ослободи српските граѓани од плаќање патарина.
Министерството за финансии треба да префрли средства во износ од 172 милиони денари за набавка на 200 000 картички на сметката на Владата, а ЈП за државни патишта да изврши сукцесивна испорака на предвидените количини.
„Се задолжува Јавното претпријатие за државни патишта, откако ќе заврши проектот, во случај на неискористени средства, истите да ги врати на сметката на буџетот на Северна Македонија. Министерството за внатрешни работи е задолжено за распределба на електронските картички на возилата со српски туристи кои ќе влегуваат на територијата на Северна Македонија преку граничниот премин ‘Табановце”’,соопштија од Владата.