Српски црковен аналитичар: МПЦ нема да има патријарх

од Nikola Popovski
385 прегледи

Поранешниот професор на Богословскиот факултет во Белград, Родољуб Кубат вели дека е очекувана одлуката на Српската православна црква за да ѝ даде автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Сепак тој наведува дека тоа не значи дека МПЦ ќе има патријарх, туку дека ќе има архиепископ.

Тој објаснува дека сега на ред доаѓа признавањето, односно томосот од Цариград – во превод указот за признавање на автокефалноста на МПЦ.

„Тоносот, кој официјално го регулира меѓународното име и статус на црквата, ќе го даде Вселенскиот патријарх“, вели Кубат.

Професорот вели дека одлуката на Српската православна црква била очекувана и дека само се чекало да започне целиот процес.

„Тоа што ќе добијат автокефалност не значи дека ќе добијат статус на патријаршија и дека ќе имаат патријарх. Тие ќе имаат статус на архиепископија со архиепископ“, објаснува црковниот аналитичар за српска „Нова“.

Српскиот патријарх Порфириј денеска на заедничката литургија со владиците на МПЦ соопшти дека Српската православна црква ја признава нивната автокефалност.

Тој во својот говор рече дека по комплетирање на законските документи ќе биде изготвен службен акт и ќе бидат информирани сите други православни канонски цркви.

„Сега, браќа и сестри, доаѓајќи овде, ви носиме уште една радост. Светиот архиерејски синод на СПЦ едногласно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква, а Соборот на нашата црква ја благословува, одобрува, прифаќа и признава автокефалноста“, рече Порфириј.

Од друга страна, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејски синод на СПЦ за признавањето на автокефалноста

Да потсетиме, вселенскиот патријарх Вартоломеј на почетокот на месецов ја призна Охридската архиепископија.

Фото: Телевизија Храм

Слични содржини