Српскиот министер за економија, Раде Баста денеска во објава на Инстаграм повика на воведување санкции против Русија поради војната во Украина. Ова, како што пренесе Нова.рс, го поддржал потпретседателот на Социјалистичката партија и министер без ресор на Србија, Ѓорѓе Милиќевиќ.
Ова се случува во услови на зголемен притисок врз Република Србија и претседателот Александар Вучиќ отворено да застанат на страната на Европа и Западот против Русија, традиционалниот сојузник на Србија.
Земјата плаќа висока цена
„Нашата земја веќе плаќа висока цена што не воведува санкции кон Русија и тоа станува неодржливо. Како министер за економија гледам колкав притисок се врши врз претседателот на Србија Александар Вучиќ и не можам да прифатам да молчиме. Затоа сум за воведување санкции кон Русија, стојам покрај претседателот Вучиќ во одбрана на државните и националните интереси и имам апсолутна доверба во него. Затоа барам од владата на Србија и од сите министри да се изјаснат за ова прашање“, напиша Баста, кој потсети дека Србија и претходно се соочила со санкции.
Тој рече и дека ваквата одлука до сега не е донесена бидејќи српските власти се надевале дека разумот ќе надвладее и дека двете конфликтни страни ќе седнат на преговарачка маса.
„За жал, со текот на времето се соочуваме со нова реалност. На конфликтот не му се гледа крајот, а разумот се чини дека е при крај. Малите земји секогаш страдаат во конфликтот на големите, а поради глобалните превирања Србија е соочена со огромен притисок“, предупреди Баста, пренесува Нова.рс.
Економијата е клучна за Србија
Тој објасни и како Србија ја осудува агресијата од почетокот на војната, но во исто време ги штити своите национални интереси во односите со Русија. Затоа, вели тој, земјата не се приклучи веднаш на санкциите што ги воведе голем дел од светот.
„Сепак, ситуацијата секој ден се повеќе се усложнува, а западните земји силно и замеруваат на Србија што не се приклучува кон санкциите“, рече министерот Баста, кој, како што додаде, се надева дека српската влада на чело со Вучиќ „ќе направи се што е можно да се зачува мирот и стабилноста“.
„Економијата е клучна за Србија и затоа, како министер за економија, посочувам дека и покрај тешката надворешнополитичка ситуација, мораме да го зачуваме економскиот раст и да се бориме нашите граѓани да живеат подобро. Србија има своја сериозна, одговорна и независна политика и ќе продолжи да ги штити своите граѓани“, заклучи Баста.