На овогодинешната Светосавска академија и Националниот празник на Србите кој на 27 јануари ќе се одбележи во МНТ, ќе присуствува српскиот патријарх Порфириј на СПЦ и ќе биде гостин на МПЦ. Оваа информација денеска ја сподели вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
Покрај него, на церемонијата ќе присуствуваат и претседателите на Собранијата на Црна Гора и Република Српска, како и други преставници од српската политичка сцена и тамошните власти.
Стоилковиќ во изјава за медиумите уште еднаш истакна дека за српската заедница во Македонија, терминот за Република Косово секогаш ќе биде Косово и Метохија, бидејќи, како што вели, тоа е согласно резолуцијата 1244 на ООН, но, бидејќи е министер и потпретседател на македонската Влада, ќе се однесува согласно одлуките на македонската држава.
Ова следува откако ДУИ објави видео во кое презентираше ланска вест објавна на веб-страницата на Министерството за меѓуетнички односи раководено од Стоилковиќ, каде тој Косово го именува како Косово и Метохија. Посочената вест е од август минатата година, а се однесува на тогашна посета на вицепремиерот на спортски камп во Белград, каде учествувале и деца од Македонија на возраст од 12 до 15 години. Набројувајќи од кои други земји имало учесници во спортскиот камп, во веста се наведува и Косово и Метохија.
Македонија го призна Косово во 2008 година по неколку месеци откако таа држава прогласи независност, а непосредно по завршената демаркација на македонско-косовската граница. Двете соседни држави градат пријателски и добрососедски односи и соработка во повеќе сфери.