Србија е „апсолутно подготвена да разговара со Приштина“ и да „направи компромиси“ во врска со Косово, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ за АФП пред утрешната средба на претседателот на Србија и премиерот на Косово во Брисел која ќе биде прва по речиси една година.
„Компромисот значи дека никој целосно не победува, ниту дека никој целосно не губи“, рече тој за АФП.
„Подобро е да седнете, да се сретнете, да разговарате, да се обидете да разговарате. Сè е подобро од ескалација“, додаде тој.
„Големите народи, големите држави, не се големи поради нивната територија, туку поради нивната одговорност во барањето мир“, додаде Вучевиќ, чија земја никогаш не ја признала независноста на Косово.
Независноста на поранешната српска покраина не ја признаа ниту 5 земји од Европската унија – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија.
За испраќањето оружје во Украина
Вучевиќ, исто така, рече дека Белград не помага „ниту еден воин“ во војната во Украина, дури и ако српското оружје се најде на украинскиот фронт откако ќе го набават западните земји.
„Не сакам да ги спречам компаниите да ја продаваат нашата муниција на Шпанија, Чешка, САД… Затоа што не е забрането и не е неморално за нас да произведуваме оружје и муниција кои, за жал, се користат таму каде што има е војна“, додаде тој.
Весникот „Фајненшл тајмс“ неодамна објави проценки дека Србија индиректно извезла муниција во таа земја во вредност од околу 800 милиони евра преку други земји од почетокот на руската инвазија на Украина.