Срушени рекорди, неколку запросувања и многу насмеани лица на 17-тиот Виз Ер Скопски маратон

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Во раните утрински часови, над 6000 тркачи навестија прекрасен ден и ги исполнија скопските улици со позитивен дух, спортска енергија и безброј насмевки. Под специјален протокол за заштита од Ковид-19, се одржа 17тото издание на Виз Ер Скопски маратон.

Учесниците кои беа пријавени на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ стартуваа во 8:00 часот, а трката на 5км започна во 8:10 часот. Стартот и целта на овогодинешниот маратон беше од платото пред Спортски центар Борис Трајковски, а патеката по која трчаа учесниците остана иста како и минатите години.

На овогодинешното издание на Виз Ер Скопски маратон, од машката категорија прв до целта стаса Дарио Ивановски со време од 02:21:27, со што го сруши македонскиот рекорд и го постави новиот рекорд на Виз Ер Скопскиот маратон, второто место го освои Младен Стеванович, со време од 02:34:54, а на третото место се најде Давид Перлич, кој патеката ја истрча за 02:38:26.

Од женската конкуренција, првото место го освои Андријана Поп-Арсова, која маратонот го истрча за 02:40:36 и го сруши досегашниот македонски рекорд во женска конкуренција на маратонот, второпласирана е Силвија Александра Паредер Јукаилла, со време од 02:43:43 и третото место го освои Весна Кираџиева со време од 03:23:42.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги додели наградите на прво пласираните на маратонот и се заблагодари на целата организација и волонтерите кои што несебично работеа и овозможија овогодинешното издание на Виз Ер Скопски маратон да се одржи беспрекорно добро.

Победник на државното првенство во маратон на Македонија во организација на Атлетска федерација на Македонија е Дарио Ивановски со време од 02:21:27, на второ место е Александар Ќираџиев со истрчан маратон за 02:40:06, а на трето место заврши Марјан Бонев, за 02:41:42.

Во женска конкуренција, победник на државното првенство во маратон е Андријана Поп-Арсова, која маратонот го истрча за 02:40:36, на второ место за време од 03:23:42 заврши Весна Кираџиева, а на трето место е Тамара Попов со истрчан маратон за 03:28:24.

Од македонските тркачи во машка конкуренција на овогодинешниот маратон, прв на целта стаса Дарио Ивановски со време од 02:21:27, на второ место е Александар Ќираџиев со време од 02:40:06, а на трето место заврши Марјан Бонев со истрчан маратон за време од 02:41:42.

Во женската конкуренција од македонските натпреварувачки, првопласирана е Андријана Поп-Арсова, која маратонот го истрча за 02:40:36, на второ место за време од 02:55:25 заврши Билјана Кираџиева, а на трето место е Весна Кираџиева со време од 03:23:42.

Во машка конкуренција на полумаратонот победник е Митко Тсенов со време од 01:09:10, на второ место е Џастин Фриман со полумаратон истрчан за време од 01:09:31, а на трето место со време од 01:09:31 заврши Тирон Мамуша.

Најдобра во женска категорија на полумаратонот е Милјана Ристич со 01:26:09, Чендреса Рамадани се најде на второто место со 01:28:14 и на третото место заврши Сања Најдовски со време од 01:32:43.

Од македонските тркачи во машка конкуренција на овогодинешниот полумаратон, прв на целта стаса Атанас Анчевски со време од 01:11:03, на второ место е Кристијан Стојани со време од 01:14:38, а на трето место заврши Иван Пешовски со истрчан маратон за време од 01:14:54.

Во женската конкуренција од македонските натпреварувачки на полумаратонот, првопласирана е Милјана Ристич, за време од 01:26:09, на второ место за време од 01:32:43 заврши Сања Најдовски, а на трето место е Душица Јанковиќ со време од 01:34:02.

Наградите на победниците на полумаратонот ги додели претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски.

Трката од 5км во машка конкуренција први ја завршија Пепи Анаќиев, за 16 минути и 30 секунди, Григоријан Никовски, за 17 минути и 38 секунди и Иво-Јован Димовски за 17 минути и 58 секунди, а од женската категорија на оваа трка први три беа Марија Стојановска, за период од 20 минути и 12 секунди, Ирма Хајдари, за 20 минути и 15 секунди и Милена Чкрипеска за 21 минута и 31 секунда.

Наградите на најдобрите тркачи на трката од 5км ги додели, Гордана Николовска.

Организаторите на Виз Ер Скопски маратон им честитаа на победниците, а и на сите учесници и волонтери за вложеноста и спортскиот дух кој што ниту оваа година не изостана.

„Среќни сме што и оваа година успеавме да ги исполниме скопските улици со насмевки, спортски дух и радости. Прекрасна е глетката кога на улиците на главниот град ве обзема звукот на чекорите на маратонците. Посебно ни е драго што и оваа година успеавме да организираме спортски настан, почитувајќи ги сите мерки за заштита од Ковид-19, со што докажавме дека со добра дисциплина можеме да направиме се. Им честитам на сите учесници, победници и волонтери за успешно завршеното 17то издание на Виз Ер Скопски Маратон“ порача Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Виз Ер Скопски маратон се одржа во организација на Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.

Слични содржини